„Кога присуствував на средба во Црна Гора, забележав сериозни отстапувања во позициите на некои лидери. Повторно треба да вложиме максимални напори да ги убедиме каде и како треба да се постави Европа како заеднички сојуз, за да ги заштитиме интересите и правата на сите граѓани. Постоело колебање во ставовите на повеќе европски лидери во периодот додека ме немаше во ЕУ. Некој не си ја завршил работата. Сега повторно треба да ги убедиме лидерите дека консензусот постигнат во јули 2022 година мора да се почитува.“
Изјавата на Радев доаѓа еден ден по усвојувањето на извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент. Во финалниот текст:
- Останува Вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија.
- Се бара историската комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“.
- Се потврдува обврската за спроведување на договорот со Бугарија.
- Се нагласува дека уставните измени се главен услов за отворање на првиот преговарачки кластер.
Одговарајќи на прашање по инцидентот со палењето на два дипломатски автомобили пред бугарската амбасада во Скопје, Радев рече дека не гледа потреба од средба со премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека „нема што повеќе да си кажат“. Претходно, тој тврдеше дека македонското политичко раководство прави сè за да го одложи членството во ЕУ.
Пораките на Радев укажуваат на продолжен притисок врз Скопје за исполнување на обврските од 2022 година – вклучително и уставните измени, имплементацијата на договорените протоколи и мерлив напредок на историската комисија – како предуслов за реален исчекор во пристапните преговори.