Рација во кумановските локали: Приведена 45-годишна жена, малолетник заврши на Клиника поради алкохол

Засилена полициска контрола во угостителските објекти во Куманово овој викенд откри сериозни прекршувања на законот. Во акцијата е приведена една жена, затекнати се поголем број малолетници по полноќ, а едно дете поради алкохолизирана состојба итно е пренесено во скопскиот Клинички центар.

Акцијата е спроведена на 13 и 14 декември 2025 година, од страна на Секторот за внатрешни работи (СВР) Куманово, во координација со инспектори од Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд.

Забава со 14 малолетници, организаторката во лисици

Фокусот на контролата биле четири угостителски објекти, при што биле легитимирани вкупно 74 лица. Најдраматично било во еден објект каде што просторот бил изнајмен од страна на 45-годишната С.В.

Во овој објект полицијата затекнала дури 14 малолетници во време по 24:00 часот, што е спротивно на законските прописи. Ситуацијата кулминирала кога е утврдено дека еден од малолетниците бил под силно дејство на алкохол. Поради сериозноста на состојбата, детето е итно пренесено на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување на медицинска помош.

Поради овие пропусти, С.В. е лишена од слобода.

Глоби и пријави

Покрај овој случај, малолетници по полноќ биле затекнати во уште еден угостителски објект.

Надлежните инспекторати (Пазарниот и Трудовиот) констатирале низа неправилности и изрекоа глоби за објектите согласно Законот за угостителство. Од СВР Куманово најавуваат дека по целосно документирање на случаите, против сите одговорни лица ќе бидат поднесени соодветни пријави.