Македонија

Реакции по ратификацијата на договорот, Северна Македонија ќе биде пријателска држава

Преспанскиот договор помина и во Грчкото Собрание. Неколку минути беа потребни за да почнат да пристигнуваат честитки од светските лидери, дипломати и високи функционери. Премиерот на Македонија, Зоран Заев беше меѓу првите кој му честиташе на својот грчки колега во Грција.

„Честито мој пријателе Алексис Ципрас, заедно со нашите народи испишавме историска победа. Нека е вечен Договорот од Преспа, нека се вечни мирот и прогресот на Балканот и во Европа“, вели Зоран Заев – премиер на Македонија.

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас денешниот ден го нарече историски кој отвора нова страница за Балканот.

„Следните генерации и во двете земји им должат благодарност на пратениците кои со храброст и смелост ги поставија темелите за иднина на мир, солидарноста и хармоничен соживот меѓу двата народи. Северна Македонија која што се роди денес ќе биде земја пријател. Сојузник и поддржувач на Грција во нејзините напори за безбедност, стабилност и заеднички развој во регионот“, рече Алексис Ципрас – премиер на Грција.

На социјалните мрежи се огласија министерот на надворешни работи, Никола Димитров и неговиот екс грчки колега Никос Коѕијас, чии потписи стојат на Преспанскиот договор. Димитров напиша дека “надежта го победи стравот“, а Коѕијас смета дека “победиле мировните политики“.

Со заедничка изјава, гласањето на Преспанскиот договор го поздравија претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини и евро комесарот Јоханес Хан. Тие напишаа дека ова претставува пример за помирување за цела Европа и европската перспектива.

„Додека ги очекуваме натамошните чекори за целосно спроведување на договорт, веќе со сигурност можеме да кажеме дека Атина и Скопје, заедно, испишаа нова страница за нашата заедничка иднина на ЕУ“, велат во заедничка изјава Јункер, Могерини и Хан.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг веќе го очекува членството на Македонија во НАТО.

„Го поздравувам ратификувањето на Преспанскиот договор во Грчкото собрание. Тоа е важен придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Со нетрпение очекувам Република Северна Македонија да му се придружи на НАТО“, вели Јенс Столтенберг – генерален секретар на НАТО.

Ратификацијата на Преспанскиот договор во Грчкото собрание го поздрави и Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, кој рече дека “невозможната мисија стана реалност“. Но, и покрај честитките, ратификацијата не беше добро пречекана од опозицискиот лидер Киријакос Мицотакис.

,,Ратификација значи по прв пат, од грчката Влада, официјално признавање на македонскиот јазик и идентитет за жителите на Скопје. Така, се напушта децениската национална линија. Господинот Ципрас кажа „да” онаму каде што сите негови претходници рекоа „не”. Причините, му се само нему познати“, рече Киријакос Мицотакис – лидер на Нова Демократија.

Исто како Нова Демократија во Грција, со Преспанскиот договор не се согласува ниту опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, од каде сметаат дека овој договор е капитулантски за националниот македонски идентитет.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни