Крим мора да и се врати на Украина, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во видео порака до учесниците на вториот состанок на иницијативата „Кримска платформа“ во Киев.
„Не ја признаваме нејзината анексија од Русија. Ова е принципиелна позиција која има не само правна, туку и морална основа. Враќањето на Крим на Украина е исто така услов на меѓународното право. Заштитата на територијалниот интегритет, суверенитет и политичкото единство Украина е од клучно значење не само за регионалната, туку и за глобалната безбедност и стабилност“, рече Ердоган, пренесува БТА.
Во пораката, цитирана од турската новинска агенција Ихљас Хабер, Ердоган го истакнал прашањето за гарантирање на безбедноста и благосостојбата на кримските Татари, што се очекува од турска страна.
„Кримските Татари се еден од домородните народи на Крим. Тие страдаа од настаните. Обезбедувањето на нивната безбедност и благосостојба е меѓу приоритетите на Турција. Во овој поглед, сакам да потсетам дека Турција очекува тие да бидат ослободени како што е можно поскоро и да се вратат кај семејствата заменик-претседателот на Националното собрание Нариман Џелал и неговите соборци, кои беа приведени во врска со нивното учество на првиот самит на Кримската платформа“, рече турскиот претседател, нагласувајќи дека Турција ќе продолжи да биде на страната на украинската влада и кримските Татари. Како и дека ќе продолжи да прави напори за решавање на украинската криза.
Агенцијата Ихљас Хабер во насловот на пораката на Ердоган резимира: „Кримска порака од претседателот Ердоган која ќе го разбесни Путин: Крим мора да и се врати на Украина“.