Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ повторно бара истрагата да не остане само на двајцата осомничени со цел да се сокријат како што велат високи функционери на Власта.
„Сепак овој скандал е огромен и има влијание на нашите евроинтеграции па нема така лесно да успеат да го забошотат. Одговори, но и одговорност мора да има. Зоран Заев и криминалниот картел околу него, Катица Јанева и СЈО веќе стануваат сериозна опасност не само за владеењето на правната држава, довербата во институциите, туку и угледот на државата во контекст на Европската Унија и на европските интеграции“, изјави Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ одработува за тајкуните, режимот и обвинетите криминалци, надевајќи се дека ќе ја поткопаат правната држава, дека нема да станеме членка на ЕУ и нема да биде донесен новиот закон за ЈО.
„Лицата кои се на снимките се директно поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, како Орце, Кичеец, но и други за кои се водат истраги, исто како и лицата кои ги објавуваат материјалите. Објавените снимки потврдуваат дека премиерот Заев нема никаква вмешаност, сосема спротивно, токму тој го пријави, повикува до крај да се расчисти случајот, се бори за правда преку градење на независни и функционални институции кои вистински се борат со криминалот и корупцијата“, велат од СДСМ.
Демократскиот сојуз пак бара пратениците веднаш да се вратат од одмор, со што би се закажала вонредна седница и би се расправално за СЈО, откако првично би се разрешила Катица Јанева.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на поставено новинарско прашање за „Рекет“ изјави дека не се меша во внатрешните прашања на другите држави.
„Но за обвинителот и тие врски, се сеќавате какви приказни правеа, како тоа ќе се спасат сите тие. И на крај ги спаси „Луи Витон“ ташна од 1 милион евра. Како што дознавам, од добро упатени италијански извори ќе има уште изненадувања. Јас мислам дека Зоран Заев денеска ме разбира колку јас бев во право кога му зборував за одредени лица“, изјави Александар Вучиќ.
Вучиќ додаде дека е среќен што тие лица не се блиску до Србија и до него, не не откри за кој станува збор.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ