Македонските аеродроми годинава бележат значително зголемување на бројот на патници, а според министерот за транспорт и вицепремиер Александар Николоски, трендот е поврзан со мерките за субвенционирање на авиосообраќајот.
Според податоците што ги изнесе Николоски, во јули авиосообраќајот на двата аеродроми бил зголемен за 21 отсто во однос на истиот месец минатата година, додека во август растот достигнал 31 отсто.
Тој посочи дека на почетокот на мандатот на актуелната Влада, двата аеродроми заедно имале околу 2,4 милиони патници годишно. Првичните очекувања биле бројката до крајот на првиот мандат да достигне меѓу 3,2 и 3,3 милиони, но три милиони патници биле достигнати за само една година.
Според Николоски, годинава постои можност бројот на патници на двата македонски аеродроми да достигне четири милиони.
Значајна улога во растот има и присуството на „Визер“ на Скопскиот аеродром. Николоски посочи дека скопската база е меѓу најзначајните бази на авиокомпанијата во Европа, а авионите кои преноќуваат во Скопје се од типот „Airbus A321neo“, кој според него има пониски емисии на штетни гасови.
Позитивен тренд има и на Охридскиот аеродром. Николоски очекува годинава бројот на патници да се движи меѓу 350.000 и 400.000, што е значително над проекциите поставени при доделувањето на концесијата.
Воедно, постои можност „Визер“ дополнително да ја прошири базата во Охрид со уште еден авион.
Во фокусот се и нови директни авиолинии. Николоски информираше дека се прецизира отворањето на линијата Скопје–Дубаи.
Според него, директното воздушно поврзување со Дубаи би можело да биде значајно за македонскиот бизнис и туризмот, особено поради зголемениот интерес на европските компании и туристите за Обединетите Арапски Емирати.