Македонија

Рекордна цена за стан во Кисела Вода – речиси 3.000 евра за квадрат

Рекордна цена за стан во Кисела Вода – речиси 3.000 евра за квадрат

Пазарот на недвижности во Македонија бележи значајни промени во првиот квартал од 2026 година, при што се регистрирани и високи цени за поединечни станови, но и намалена вкупна активност.

Според најновиот Извештај од Регистарот на цени и закупнини на Агенција за катастар на недвижности, највисоката цена за станбен квадрат е постигната во општина Кисела Вода, каде стан од 45 квадратни метри е продаден по цена од 177.667 денари за метар квадратен, односно околу 2.888 евра.

И покрај ваквите рекордни цени, податоците покажуваат дека пазарот бележи пад. Бројот на продадени станови е намален за 27% во споредба со претходниот квартал, додека вкупната вредност на пазарот изнесува 276,3 милиони евра, што претставува пад од 12,4%.

Вкупно се регистрирани 7.757 трансакции, вклучувајќи купопродажби и закупи, што претставува намалување од 16,4% во однос на претходниот период и укажува на намалена динамика на пазарот.

По општини, најмногу продадени станови се забележани во Аеродром со 193 трансакции, додека во Битола најмногу се продадени куќи. Во Центар доминираат деловните простори, а во Кочани најактивна е трговијата со земјоделско земјиште.

Забележан е и значителен раст од 175% кај откупот на недвижности од државата, додека новоградбите бележат пад од 32,3%. Во Катастарот моментално се евидентирани над 28.000 листови за предбележување, што укажува дека голем број објекти се во фаза на градба и се очекува наскоро да се појават на пазарот.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни