Препознатливиот дел од мексиканската кујна, тортиљите, во основа се многу едноставна храна, брза и лесна за приготвување со речиси неограничени можности.
За нивно приготвување ќе ви требаат само 4 состојки: пченично или пченкарно брашно, сол, масло и вода, што ги прави и многу евтина храна кога ги приготвувате во домашни услови.
За подготовка на 12 тортиљи: Во сад за мешање просејте 450 меко брашно и 1 лажиче сол, а потоа во брашното додајте 85 г растително масло, така што ќе добиете смеса слична на лебни трошки.
Постепено додавајте 225 мл врела вода за да добиете меко, еластично тесто. Месете ја смесата на добро набрашнета работна површина додека добиете мазно тесто што не лепи, па покријте го со влажна салвета. Потоа, поделете го на одреден број топчиња со големина на јајце и расучете ги топчињата во многу тенок, правилен круг.
Наредете ги тортиљите една врз друга, секоја посипете ја со брашно за да не се залепат и покријте ги со чиста салвета. Печете ги тортиљите на силен оган во тавче со дебело дно. Печете ги по околу 10 секунди од секоја страна. Немојте да ги препечете, бидејќи нема да бидат еластични.
Редете ги една врз друга и држете ги покриени додека не ги испечете сите тортиљи. Ако сакате да направите повеќе, само пропорционално зголемете ја количината на состојки во рецептот. Тортиљите се основа за подготовка на бурито, како и многу други јадења, така што одлично одат со широк спектар на состојки, во зависност од тоа што најмногу ви се допаѓа.
Па така, можете да ги полните со пилешко во комбинација со грашок, пченка, пиперка и домати. И меленото говедско месо со домати е одлична комбинација, а за автентичен вкус, додајте чили-сос.
Тортиљите се идеални за вегетаријанци, бидејќи вкусни се со сите комбинации на зеленчук, особено ако се комбинираат со рендано сирење и кисела павлака. Ако сакате малку поинаков сендвич, слободно заменете го вообичаениот леб со тортиљите, кои можете да ги полните и со пржени јајца со шунка или пак со популарната комбинација на туна и мајонез.
За особена крцкавост во тортиља-сендвичот, додајте зелена салата или сечкана пиперка. Тортиљите не се резервирани само за солени вкусови, со оглед на тоа што многу добро функционираат и во слатки комбинации. Па така, можете да ги полните со сечкани јаболка со цимет, со додаток шлаг за десертот да добие нова димензија.
