Ристоска до Мицкоски: „Квалитетот, а не подобноста, треба да биде критериум“

Обвинителката Ленче Ристоска упати реакција на вчерашното интервју на Претседателот на Владата, нагласувајќи дека изборот на кадри со големо значење мора да се темели на професионалност и квалитет, а не на политичка или лична подобност.

„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност“, изјави Ристоска.

Таа додава дека професионалците во системот мора да имаат јасна сигурност дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува.

„Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, предупреди Ристоска.