Цените на електричната енергија на дел од постојните полначи за електрични автомобили во Македонија се нерегулирани, а РКЕ најавува воспоставување правила за операторите и цените.
Претседателот Ацо Ристов во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ предупредува дека на одредени полначи електричната енергија, според информации што стигнале до него, се продава и по цена од околу 700 евра за мегават-час.
Според него, ваквата состојба треба да се регулира, особено затоа што корисниците на електрични автомобили на автопатите практично имаат ограничен избор каде да го наполнат возилото.
„Ова ние сега мораме да го ставиме во регулација“, вели Ристов.
Во иднина се очекува да се воведе постапка за избор на оператори на полначите. Компаниите кои сакаат да управуваат со инфраструктурата би требало да ги исполнат утврдените услови.
За веќе инсталираните полначи, според Ристов, ќе се разгледува преоден период во кој операторите би можеле да се усогласат со новите правила или да склучат договор со новите оператори.
РКЕ истовремено укажува и на потребата да се избегне конфликт на интереси, односно дистрибутерот на електрична енергија да не биде во позиција истовремено да има улога на оператор на полначи.