Македонија

Ристов: Продуктоводот од Солун до Скопје е една од причините за најниски цени на горивата во регионот

Ристов: Продуктоводот од Солун до Скопје е една од причините за најниски цени на горивата во регионот

Продуктоводот од Солун до Скопје е еден од важните елементи во синџирот на снабдување со нафтени деривати и придонесува за стабилноста на цените на горивата, оцени претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ристов објасни дека Македонија, како и земјите од регионот, е целосно зависна од увозот на нафтени деривати, а референтната влезна цена се формира според берзанските цени на Медитеранот.

„Сите се зависни и практично целиот Медитеран и Југоисточна Европа купуваат нафта од исто место“, посочи Ристов.

Според него, крајната малопродажна цена не ја определува само набавната цена на нафтениот дериват. Во неа влегуваат и трошоците за транспорт, малопродажните маржи, складирањето, транспортот до бензинските станици и еколошката такса.

Ристов рече дека РКЕ презела мерки со кои се ограничуваат приходите на увозните компании, со цел да се спречи создавање дополнителни профити во услови на нестабилност на пазарот.

Како една од мерките што придонеле Македонија да има пониски цени на нафтените деривати во однос на дел од регионот, Ристов го посочи повторното ставање во функција на продуктоводот од Солун до Скопје.

„Продуктоводот од Солун до Скопје сега се користи како транспортна рута на дизелот“, рече Ристов, додавајќи дека во моментов преку него се транспортира дизел, поради ограничувањата поврзани со брзото менување на содржината што се транспортира низ системот.

Според Ристов, преку оваа транспортна инфраструктура се обезбедува снабдување на поширокиот регион, вклучително и Македонија, Србија и Косово.

Тој оцени дека продуктоводот има значајна улога и во обезбедувањето континуирано снабдување, нагласувајќи дека во изминатиот период немало прекини во достапноста на нафтените деривати.

Дополнително, транспортот преку продуктоводот ги намалува трошоците во споредба со превозот со цистерни. Ристов објасни дека доколку истите количества се транспортираат по патен сообраќај, би се зголемиле трошоците за транспорт, што би можело да влијае и врз крајната цена на горивата.

„Цената ќе растеше и за транспортот“, посочи претседателот на РКЕ.

Тој нагласи дека стабилното снабдување, резервите и транспортната инфраструктура се меѓу факторите кои овозможуваат цените на нафтените деривати да не бележат дополнителни осцилации.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ацо Ристов, претседател на РКЕ 01.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни