Регулаторната комисија за енергетика подготвува анализа на постојниот модел на блок-тарифи и евтината тарифа за електрична енергија, а можни се промени во периодите во кои домаќинствата плаќаат пониска цена.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, вели дека конечна одлука сè уште нема, бидејќи Комисијата ги очекува податоците и барањата од енергетските компании за следниот тригодишен регулиран период.
Според него, еден од клучните проблеми е што постојниот модел е создаден во услови на енергетска криза, кога електричната енергија била најскапа во текот на денот. Во меѓувреме, со масовното производство од фотоволтаични централи, ситуацијата на пазарот значително се промени.
„Имаме евтина енергија преку ден, кога има хиперпродукција од фотоволтаиците, а навечер, кога ги нема, електричната енергија може да биде поскапа“, посочува Ристов.
Затоа, РКЕ размислува дали сегашниот распоред на евтината тарифа треба да се приспособи на новата енергетска реалност. Како можност се разгледува и проширување на евтината тарифа во одредени периоди од викендот, кога потрошувачката на индустријата е помала, а на пазарот може да има вишок електрична енергија.
Ристов најавува дека пред евентуална промена ќе биде направена анализа на потрошувачката по часови, денови и тарифни блокови.
„Ќе направиме анализа, ќе излеземе со јавна дебата и ќе ги вклучиме сите инволвирани страни, универзитетот и сите што значат нешто во енергетиката“, вели тој.
Целта, според Ристов, е евентуалните промени да се направат така што граѓаните би имале корист од периодите кога електричната енергија на пазарот е поевтина.