Регулаторната комисија за енергетика размислува за промена на начинот на кој се пресметува цената на природниот гас, по примерот на методологијата што се применува кај нафтените деривати, најави претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Идејата е да се воспостави појасен и попредвидлив модел, со кој цената на гасот би се поврзала со релевантна берзанска цена, наместо пресметката да зависи од поединечните набавни цени на компаниите.
„Согласно методологијата, можеби понатаму веќе почнуваме да размислуваме и кај гасот да се врземе за берзанска цена“, рече Ристов.
Тој објасни дека во моментов ситуацијата е посложена затоа што повеќе компании во Македонија увезуваат природен гас, а РКЕ треба да ги зема предвид нивните набавни цени.
Според Ристов, новиот пристап би значел сличен принцип како кај нафтените деривати – користење на референтна берзанска цена врз основа на која би се правеле пресметките.
„Се работи над таа методологија да почнеме да работиме како со нафтените деривати за гасот“, посочи тој.
Причината за размислувањето за промена на моделот е и големата нестабилност на цената на природниот гас на европските берзи. Ристов посочи дека цената може значително да се менува во краток период, што создава проблеми за земја како Македонија која во голема мера зависи од тековните набавки.
„Берзата е манипулативна. Денеска може да биде 80, утре 60, па 70, меѓутоа немате стално, односно регулирана предвидлива цена за години однапред“, рече претседателот на РКЕ.
Тој смета дека покрај промената на методологијата, за Македонија е важно да обезбеди и долгорочни договори за снабдување со природен гас.
Според него, земјите и компаниите кои имаат долгорочни договори и можност за складирање можат полесно да ги амортизираат берзанските ценовни шокови.
Во тој контекст, Ристов ги посочи и интерконекторите кои се градат, оценувајќи дека тие можат да отворат можности за диверзификација на снабдувањето.
„Многу е важно ова да се стабилизира и Македонија, со овие интерконектори кои сега ги прави, да најде начин да склучи долгорочни договори со некого“, изјави Ристов.
Како дополнителна можност тој го спомена и складирањето на природен гас. Македонија, како што рече, во моментов нема сопствени складишни капацитети, а нивната изградба би била скапа инвестиција.
„Нема држава која што нема складишта на гас, ние, за жал, немаме“, рече Ристов.
Според него, во иднина ова прашање би можело повторно да се отвори, особено доколку се развијат нови когенеративни централи за производство на електрична енергија кои би користеле значителни количества природен гас.
РКЕ, во меѓувреме, работи во рамки на своите регулаторни надлежности, додека одлуките за тоа од каде и по која цена компаниите ќе го набавуваат гасот остануваат кај самите снабдувачи. На пазарот на големо со природен гас во земјава тој е либерализиран од 2015 година, а РКЕ ги утврдува тарифите за регулираните дејности пренос и дистрибуција.