РКЕ планира дигитална платформа за прибирање податоци од енергетскиот систем во реално или близу реално време. Целта е Комисијата да добива подетална слика за производството и потрошувачката на електрична енергија и врз основа на тоа да носи одлуки за тарифите.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, вели дека досегашниот начин на прибирање податоци – месечно, полугодишно или годишно – не е доволен за сериозни анализи.
„Нас не ни треба дневен податок. Ни треба 24 часа, на секои 15 минути, да имаме график и да знаеме што ни се случува“, објаснува Ристов.
Платформата би требало да ги опфати различните извори на производство – фотоволтаици, ветерни централи, термоелектрани, хидроцентрали и увозот на електрична енергија – но и структурата на потрошувачката.
Според Ристов, ваквата база на податоци би можела да се користи не само за регулаторни анализи, туку и за предвидувања, креирање стратегии и истражувања.
РКЕ веќе побарала од енергетските компании историски податоци за 2025 и 2026 година, со цел тие да се искористат за симулации.
Во процесот е вклучен и ФИНКИ, каде што, како што вели Ристов, се разгледува употреба на вештачка интелигенција за обработка и групирање на големи количини енергетски податоци.
„Сите тие се хранат од податок. Некој треба да го нахрани за да прави брзи анализи“, вели Ристов.
Тој нагласува дека РКЕ не тврди дека компаниите манипулирале со досегашните податоци, туку дека нивната временска резолуција не е доволна за детално следење на системот.