Роџер Федерер стана седмиот спортист милијардер во историјата

Тениската икона Роџер Федерер (44) стана седмиот спортист во историјата чијашто вредност го надмина 1 милијарда долари, потврди во петокот угледниот „Форбс“. Швајцарската ѕвезда, која од активното играње се повлече во 2022 година, денес располага со околу 1,1 милијарда долари, на што значајно придонесе неговиот малцински удел во швајцарскиот бренд за обувки и облека „On“.

Федерер за време на кариерата само од спонзорски договори и други активности надвор од теренот заработил околу 1 милијарда долари. Впечатлив е податокот дека дури 16 години по ред бил најплатениот тенисер во светот, иако од турнирските награди заработил помалку од своите најголеми ривали, Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. На пример, во 2020 година неговата заработка пред оданочување изнесувала 106,3 милиони долари – повеќе од било кој друг спортист во светот.

Ексклузивен клуб на милијардери

Со влезот во овој елитен клуб, Федерер стана вториот тенисер милијардер, по Романецот Јон Цириак, кој богатството го стекна преку инвестиции по падот на комунизмот. На листата се и кошаркарските легенди Мајкл Џордан, Меџик Џонсон и Леброн Џејмс, како и поранешниот играч на Милвоки Бакс, Џуниор Бриџмен. Листата ја заокружува голферот Тајгер Вудс, кој заедно со Џејмс е единствениот спортист што станал милијардер уште за време на активната кариера.

Нова генерација го презема приматот

„Форбс“ воедно ја објави и листата на најплатени активни тенисери во изминатите 12 месеци, а по втора година по ред на врвот е Карлос Алкараз со заработка од 48,3 милиони долари. Само Федерер, Ѓоковиќ и Наоми Осака успеале во една година да заработат повеќе.

Веднаш зад него е Јаник Синер, моментално прв тенисер во светот, чие ривалство со Алкараз сè повеќе го дефинира модерниот тенис. Италијанецот заработил 47,3 милиони долари – речиси двојно повеќе во споредба со претходната година. Интересно е што Синер од самиот тенис годинава заработил 20,3 милиони долари, што е трет најголем износ откако „Форбс“ води евиденција, и значително повеќе од Алкараз.

Третото место го зазеде Коко Гоф со 37,2 милиони долари, со што стана најплатената спортистка во светот во изминатата година. Нејзиниот успех значи дека за прв пат од 2010 година, кога на врвот беа Федерер, Марија Шарапова и Надал, првите три места ги заземаат спортисти помлади од 30 години.

Вкупно 10-те најплатени тенисери заедно заработиле 285 милиони долари, што е пораст од 16% во однос на минатата година, но и натаму значително под рекордната 2020 година, кога износот достигна 343 милиони долари.