Балкан

Родителите на Коста Кецмановиќ повторно осудени: Вкупно 17 години и пет месеци затвор

Родителите на Коста Кецмановиќ повторно осудени: Вкупно 17 години и пет месеци затвор

По повеќе од две години од трагедијата што ја потресе Србија и регионот, Вишиот суд во Белград донесе нова првостепена пресуда за родителите на малолетникот кој на 3 мај 2023 година изврши масовно убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“.

Владимир Кецмановиќ е осуден на 14 години и шест месеци затвор, додека неговата сопруга Миљана Кецмановиќ доби казна од две години и 11 месеци затвор. Со тоа, вкупната затворска казна за двајцата родители изнесува 17 години и пет месеци.

Пресудата сè уште не е правосилна, а обвинителството и одбраната имаат право на жалба до Апелациониот суд во Белград.

Владимир Кецмановиќ одговараше за тешко дело против општата безбедност, како и за запуштање и занемарување на малолетно лице. Миљана Кецмановиќ во повторената постапка беше обвинета за запуштање и занемарување на детето.

Обвинителството претходно побара за Владимир Кецмановиќ казна од 14 години и 11 месеци затвор, додека за неговата сопруга предложи тригодишна затворска казна.

Случајот повторно се најде пред судот откако Апелациониот суд во ноември 2025 година ја укина претходната првостепена пресуда и го врати предметот на повторно одлучување поради утврдени процесни неправилности.

Во претходната пресуда Владимир Кецмановиќ беше осуден на иста затворска казна од 14 години и шест месеци, додека Миљана доби три години затвор. Со новата одлука казната за мајката е намалена за еден месец.

Во рамки на постапката беа опфатени и други лица поврзани со случајот. Апелациониот суд претходно ја намали казната на Немања Маринковиќ, инструктор во стрелачкиот клуб „Партизан“, каде што Владимир го носел својот син да вежба пукање. Неговата затворска казна беше заменета со една година домашен притвор.

Сопственикот на стрелачкиот клуб, Ратко Ивановиќ, доби пет месеци домашен притвор откако призна дека дал лажен исказ.

Во нападот во основното училиште „Владислав Рибникар“ беа убиени девет ученици и училишниот чувар, а повредени беа уште шест лица.

Малолетниот К.К. во моментот на нападот имал 13 години, поради што според српското законодавство не можел кривично да одговара.

Трагичниот настан предизвика силни реакции во Србија и во регионот, отворајќи низа прашања за одговорноста на родителите, контролата на оружјето и превенцијата на насилството меѓу младите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни