Родителите на загинатите од Пулс: Системот сам се штити, условни пресуди за системски пропусти со фатални последици

Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ реагира на изречените условни казни за злоупотреба на службена должност, посочувајќи дека ваквата судска пракса е во спротивност со законските одредби и тежината на последиците.

Според нив, законската рамка предвидува казни затвор од шест месеци до десет години, во зависност од тежината на делото. Сепак, во конкретниот случај, и покрај утврдената вина, судот изрекол условна казна, без ефективно издржување затвор.

Се вчитува...

„Станува збор за систем што со години дозволувал незаконитости, чие непостапување создало услови за трагедија во која животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени“, наведуваат од здружението.

Оттаму оценуваат дека постои сериозен несразмер меѓу утврдената вина и судската санкција, што, како што велат, претставува минимизирање на одговорноста.

„Ова не е правда, туку формалност. Испратен е јасен сигнал дека системот се штити сам себе, наместо да се соочи со сопствените пропусти“, додаваат тие.

Здружението апелира до повисоките судски инстанци да ја преиспитаат пресудата и да обезбедат санкции што ќе бидат во согласност со тежината на последиците.

„Бараме одговорност без компромис – за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле кон вакви последици. Без тоа, правдата останува само збор“, порачуваат од „16-ти Март 2025“.