Македонија

Родителите од Кочани: Пред изборите сите беа со нас, сега 90 отсто од нив ги нема на маршевите!

Родителите од Кочани: Пред изборите сите беа со нас, сега 90 отсто од нив ги нема на маршевите!

Разочарување од политичарите, институциите и дел од јавноста изразија родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“, кои тврдат дека поддршката што ја добивале во првите месеци по пожарот постепено се намалува.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Александар Наунов и Томче Стојанов говореа за чувството дека семејствата се оставени сами во борбата за правда.

Особено остри беа нивните забелешки за однесувањето на дел од политичарите пред и по локалните избори.

Според родителите, многумина присуствувале на маршевите и јавно изразувале солидарност додека траела предизборната кампања, но по изборите нивното присуство значително се намалило.

„Пред локалните избори беа со нас, а сега 90 проценти од нив ги нема“, изјавија гостите, посочувајќи дека на маршевите продолжуваат да доаѓаат само мал број од поранешните поддржувачи.

Тие сметаат дека дел од јавните личности ја користеле нивната трагедија за политичка промоција.

„На нашата мака, на нашата загуба, многу луѓе профитираа и економски и политички“, беше една од пораките во емисијата.

Родителите говореа и за намалената емпатија во општеството. Според нив, наместо разбирање, сè почесто се соочуваат со коментари дека нивните маршеви го нарушуваат секојдневието во градот.

Тие нагласија дека протестите не се организираат за политички цели, туку за да се зачува јавниот притисок за утврдување на одговорноста.

„Ние сме најмалку виновни, а ја плаќаме најголемата цена. Препуштени сме сами на себе“, посочија родителите.

И покрај разочарувањето, тие најавуваат дека нема да престанат со маршевите и со јавните барања за правда.

Нивната порака е дека борбата нема да заврши сè додека не добијат судска разрешница за трагедијата во која загинаа нивните најблиски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни