Според информациите на Ројтерс Германија предлага одвојување на Северна Македонија и Албанија во обид да постигне компромис помеѓу сите земји членки на ЕУ на 15-ти октомври.
-Според планот предложен неделава до министрите на 28-те земји членки кои треба да дискутираат кон средината на октомври е можен компромис помеѓу оние се обидуваат да ги приближат балканските земји до ЕУ и оние кои пружаат отпор како Франција, Холандија и Данска, пишува Ројтерс.
Агенцијата потсетува дека Германија пред неколку недели гласаше за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, но со дополнителни услови за Тирана.
Во нацрт-заклучоците на Советот на министри се предлага Северна Македонија да ги започне преговорите пред крајот на оваа година, но не и Албанија.
Драфтот вели „со оглед на постигнатиот напредок, ЕУ одлучува да започне пристапни преговори со Северна Македонија“, и додава дека првата меѓувладина конференција односно првиот состанок помеѓу земјата аспирант и ЕУ“треба да се одржи до крајот на 2019-та“.
Иако начелно нацрт-заклучоците предвидувале иста реченица и за Албанија, таа е отстранета во последната верзија и не се предлага датум за првата меѓувладина конференција со Тирана, наместо тоа се набројуваат неколку претходни услови, пред сѐ во делот на судството и борбата против корупцијата.
ЕУ дипломат, меѓутоа, за Ројтерс вели дека усвојувањето на овие заклучоци ќе зависи од Франција, каде одлуката ќе ја носи лично Емануел Макрон.
