Ромите во Тетово бараат улица и канализација, Општина Тетово: Потребна е национална стратегија

Ромската заедница, која е една од најдискриминираните заедници во земјава секој ден се соочува со мизерни услови за живот. ТВ21 ја посети ромската населба во Тетово, поточно улицата 29 Ноември. Како што покажуваат снимките, целата инфраструктура е во катастрофална состојба. Кога врне дожд, главната улица се полни со вода, а со оглед на тоа дека нема каде да тече, настанува поплава.

„Како што гледате, има 50 години, кога врне дожд водата нема каде да оди, канализација немаме, децата одат во школо а кога ќе излезат од дома се прават со кал, целите се мокри. Овде треба да се направи канализација и улицата треба да се среди“, изјави Сами Красниќи.

Се вчитува...

„Кога врне, водата ни влегува во дворовите не можеме да излеземе надвор. Овде сме 200-300 лица, веќе 50 години сме тука, а не е направено ништо. Овде не се живее да ти кажам право“, изјави Хамди Красниќи.

Од Општина Тетово велат дека куќите во кои живее Ромската заедница се изградени на речните корита, што не е дозволено со закон.

„Главно, куќите на оваа заедница се изградени на речните корита што е незаконски. Меѓутоа, во минатото инсистиравме во програмата за изградба на социјални станови да биде според оваа карта, меѓутоа од претходната влада не беше прифатено тоа, и се изградија социјални станови на цела територија на Македонија, а само на општина Тетово, втора општина по големина во Македонија, не и се даде простор за изградба на овие станови“, изјави Арменд Фазлиу, портпарол на Општина Тетово.

Одговорниот министер за унапредување на  правата на Ромите, Аксел Ахмедовски, вели дека во правец на поддршка на спроведување на локалните акциски планови, формирана е работна група за подготовка на одлука за доделување на 3 милиони денари, од буџетот на Министерството за локална самоуправа.

„За прв пат, во правец на поддршка на спроведување на акциските локални планови, формирана е работна група за подготовка на одлука за доделување на 3 милиони денари од буџетот на Министерството за локална самоуправа. Со овие средства ќе се финансираат усвоените акциски планови и активности. Информацијата за доделување на овие 3 милиони денари е во владина постапка и очекуваме да се усвои во текот на денешната владина седница“, изјави Аксел Ахмедовски, министер за правата на Ромите.

Од Буџетот за 2018 година, за општинските проекти и инфраструктура, поддршка добиле 9 општини и тоа, Штип, Виница, Шуто Оризари, Делчево, Тетово, Пехчево, Берово, Кочани, Битола и Куманово. Во сите општини, состојбата на Ромите е тешка и се недостоинствени услови за живот.

Репортер: Арменд Абази

Извор: ТВ21