Сите сакаат да ги поминат најубавите празници во годината, Нова Година и Божиќ, во позитивна атмосфера, со добра забава, во добро расположение и во друштво на најблиските, најсаканите и најдрагите. Онака како што доликува за Нова Година.
РСБСП апелира: За добри и весели празници, за среќна и весела 2019 година – не управувај моторно возило под дејство на алкохол! Изборот е едноставен: доколку консумираш алкохол – не возиш, доколку возиш – не консумираш алкохол. Да, тоа е толку едноставно, а во суштина, спасува живот. Изборот е твој, а од твојот избор, зависи дали ќе ги поминеш празниците во добро расположение, ќе добиеш казна од полицијата и одземање на возачката дозвола, или пак ќе завршиш во болница или најстрашното – новогодишната ноќ за некого ќе заврши фатално.
Ако немате некоја голема или неодложна потреба, најдобро е да го оставите возилото и да побарате друга форма на транспорт. Студеното време, ниските температури, замрзнатите и влажни коловози и маглата на патиштата, можат да ви направат проблеми. Затоа, најдобро е да користите такси или друг јавен превоз.
На сите учесници во сообраќајот, РСБСП им посакува среќна Нова Година, со желба за добро здравје и многу успех на секое поле, воедно повикува на разумно и одговорно учество во сообраќајот.
