Кремљ денеска ги обвини западните земји дека „виртуелно ги украле“ златните и девизните резерви на Русија со санкциите воведени по почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари, објави Ројтерс.
Во разговор со новинарите, Дмитриј Песков – прес-секретарот на рускиот претседател Владимир Путин, беше запрашан за предлогот на Европската унија за давање замрзнати руски средства на Украина.
„Во пракса, значителен дел од нашите резерви беа украдени од одредени западни земји“, одговори тој.
Невидените санкции наметнати на Русија замрзнаа околу половина од нејзините златни и девизни резерви, кои пред почетокот на војната изнесуваа речиси 640 милијарди. Минатата недела, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, предложи ЕУ да размисли за пренос на дел од замрзнатите средства на Украина, забележува Ројтерс.
Песков ги дефинираше дејствијата на Западот како незаконско посегнување на странски имот, пренесе ТАСС.