Москва го извести Вашингтон дека дипломатските односи меѓу нив сериозно ќе настрадаат, па дури и може да бидат прекинати доколку Русија биде прогласена за „државен спонзор на тероризмот“, изјави висок претставник на руското Министерство за надворешни работи, цитиран од ТАСС.
Александар Дарчиев, шеф на северноамериканскиот оддел во руското Министерство за надворешна политика, рече дека ако американскиот Сенат навистина ги исполни своите намери да ја стави Русија во таква категорија, тоа ќе значи дека Вашингтон ја преминал границата од која нема враќање.
„САД се предупредени“, рече Дарчиев.
Минатиот месец, двајца американски сенатори кои сакаат да поднесат предлог-закон за прогласување на Русија за државен спонзор на тероризмот го посетија Киев за да разговараат за законот со претседателот Володимир Зеленски, потсетува Ројтерс.
Дарчиев изјави дека доколку се прифати, тоа ќе доведе до „најсериозни штети на билатералните дипломатски односи, до тој степен што тие ќе бидат деградирани, па дури и прекинати“.
Во четвртокот, парламентот на Латвија ја прогласи Русија за државен спонзор на тероризмот поради војната во Украина и ги повика западните сојузници да воведат пошироки санкции кон Москва, додаде Ројтерс.