Руските сили почнаа да инсталираат систем за противвоздушна одбрана во најголемата европска нуклеарна централа, откако гранатирањето на окупираната украинска централа предизвика загриженост за нејзината безбедност, јавија ДПА и БТА.
„Системите за противвоздушна одбрана на електраната се зајакнуваат“, изјави за руската државна телевизија Евгениј Балицки, шеф на воената администрација назначена од Москва во областа Запорожје. Во моментов централата во Запорожје работи нормално, а далноводите и оштетените реакторски единици се санирани, рече Балицки.
Нуклеарната централа, која е под руска контрола, беше гранатирана неколку пати во последните денови, што предизвика загриженост кај меѓународната заедница за безбедноста на објектот. Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за нападите.
Русија навести дека би можела да ја поддржи посетата на набљудувачите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на централата. „Од наша страна сме подготвени да обезбедиме максимална можна помош за решавање на организациските прашања“, соопшти вчера руското МНР.
Москва, исто така, ги обвини ОН дека ја откажале веќе планираната инспекциска посета. Русија побара состанок на Советот за безбедност на ОН во четврток попладне во Њујорк на кој ќе се разговара за ситуацијата во нуклеарната централа.