Свет

Русија ќе спроведе вежби на своите нуклеарни сили, информираа САД

Русија ќе спроведе вежби на своите нуклеарни сили, информираа САД

Русија ги известила Соединетите Држави за нивните планови да одржуваат годишни вежби на своите нуклеарни сили, соопшти американската влада, што според Вашингтон го намалува ризикот од погрешно проценување во време на „непромислена“ руска нуклеарна реторика, објави Ројтерс.

САД соопштија дека очекуваат Русија да изврши ракетни тестови за време на годишната вежба „Гром“ на нејзините стратешки нуклеарни сили, истакнувајќи дека Москва истрелала интерконтинентални балистички ракети во минатото.

Според новиот Договор СТАРТ, Русија е обврзана да обезбеди однапред известување за таквите лансирања на ракети, рекоа американските власти.

„САД се известени, и како што нагласивме претходно, ова е рутинска годишна руска вежба“, рече портпаролот на американските воздухопловни сили, бригадниот генерал Патрик Рајдер на брифингот.

Рајдер одби да даде дополнителни детали.

Вежбите претставуваат потенцијален предизвик за САД и нивните сојузници, откако рускиот претседател Владимир Путин отворено се закани дека ќе користи нуклеарно оружје за да ја одбрани Русија во услови на неуспеси во нејзината инвазија на Украина.

Русија, исто така, упати обвиненија до Советот за безбедност на ОН дека Украина се подготвува да употреби „валкана бомба“ на сопствена почва, тврдење кое силно го отфрлија западните и украинските власти како дезинформација и изговор за ескалација на војната.

Западните претставници изразија уверување во нивната способност да ја разликуваат руската вежба од секој потег на Путин да ги следи неговите нуклеарни закани.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс ја истакна важноста од усогласување со барањето за известување за такви вежби.

„Додека Русија се впушта во неиспровоцирана агресија и непромислена нуклеарна реторика, овие мерки за известување обезбедуваат да не бидеме изненадени и да ги намалиме ризиците од погрешна перцепција“, рече Прајс.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни