Украинските власти денеска известија за нови експлозии во неколку градови и соопштија дека Русија извршила уште еден масивен ракетен напад врз енергетските капацитети и инфраструктурата, пренесе Асошиејтед прес.
Локалните власти известија за експлозии во главниот град Киев, во јужниот град Кривји Рих и североисточниот Харков, како и околу Одеса и во областа Виница. Без електрична енергија останаа Харков, северниот регион Суми, градот Полтава и делови од Киев.
Водоснабдувањето на главниот град денеска беше прекинато по новиот бран руски удари, метрото беше исклучено, а метро станиците се користат како засолништа за бомби.
Властите претходно ги предупредија граѓаните низ целата земја со предупредувачки сирени за претстојните разорни удари.
Украинскиот железнички оператор известува дека некои железнички линии исто така останале без струја.
Заменик-шефот на претседателската канцеларија Кирило Тимошенко изјави дека е погодена станбена зграда во Кривји Рих и дека луѓето таму може да бидат заробени под урнатините, пренесе Ројтерс. Две лица загинаа, објави Франс прес.
Гувернерот на Киевската област, Олексеј Кулеба, изјави дека Русија започнува „масовни напади“ против Украина. Штетите се уште не се јасни и нема детали за која критична инфраструктура е зафатена точно.
Русија, која ја нападна Украина во февруари, ја нападна енергетската инфраструктура на Украина и предизвика повеќекратни прекини на струја.