Испораките на нафта од Русија преку критично важниот гасовод Дружба , изграден уште во времето на Варшавскиот пакт до неколку централноевропски земји , треба да продолжат наскоро откако ќе се реши проблемот со транзитното плаќање , рече словачкиот министер за економија, цитиран од Асошиејтед прес.
Руската државна компанија „Транснефт“ во вторникот објави дека ги прекинала испораките преку јужниот крак на нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина до Чешка, Словачка и Унгарија .
Транснефт како причина ги наведе компликациите поради санкциите на Европската унија против Русија , велејќи дека нејзината исплата на украинската транзитна компанија Укртранснафта на 4 август била одбиена.
Словачкиот вицепремиер и министер за енергетика Ричард Сулик рече дека исплатите ќе ги изврши словачката рафинерија Словнафт во среда, откако руската и украинската страна се согласиле со одлуката. Словнафт е во сопственост на унгарската енергетска групација МОЛ.
„Очекувам испораките на нафта да продолжат за неколку часа“, рече Сулик.
Словачка практично ја добива целата своја нафта преку нафтоводот Дружба . Сулик рече дека исплатата е вредна околу 9-10 милиони евра.
Тој додаде дека неговата земја ќе работи на долгорочно решение на проблемот , кој, како што рече, е предизвикан од одбивањето на неименувана банка во Западна Европа да ги префрли парите поради санкциите воведени од Европската унија кон Русија.
„Не би барал политички контекст зад тоа, го нема“, рече Сулик.
Северниот крак на гасоводот Дружба, кој минува низ Белорусија до Полска и Германија, не е засегнат , соопшти Транснефт.
Водачите на ЕУ во мај се согласија да ембаргоираат околу две третини од увозот на руска нафта до крајот на годината, како дел од санкциите на блокот поради војната на Москва во Украина.
Ембаргото ја опфаќа руската нафта испорачана по море, но дозволува привремени испораки преку гасоводот Дружба до Унгарија и некои други земји без море во централна Европа, како Словачка и Чешка.
Русија го ограничи снабдувањето со природен гас во Европа, откако многу земји одбија да го почитуваат указот на рускиот претседател Владимир Путин со кој се бара плаќање во рубљи наместо во долари или евра.