Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска вчера вечерта преку писмено обраќање ги повика амбасадорите, меѓу кои и европската обвинителка Лаура Ковеси, поради, како што рече, притисок на претставник на Владата, односно директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми кој е под истрага.
„Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Згрозувачки е овој притисок врз обвинители за гонење на организиран криминал и корупција од страна на именувано лице од Владата Арафат Муареми, како и мешањето во предмет на Обвинителството кое е стриктно забрането, согласно Законот за јавно обвинителство. Ако Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР преку медиумите, вистината мора да излезе на виделина“, посочи Вилма Рускоска.