Обвинителката Вилма Русковска е суспендирана од работа, а за две нејзини колешки покренати се постапки за дисциплинска одговорност. Сега Русковска во рок од осум дена од приемот на решението за дисциплинска повреда може да се жали до Советот на јавните обвинители. Доколку Советот не ѝ ја усвои жалбата, таа ќе биде разрешена од функцијата.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески ја суспендираше од работа обвинителката Вилма Русковска, а против нејзините колешки Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева поведе дисциплинска постапка.
Како причина за суспендирањето се наведува „тешка дисциплинска повреда“, а поводот е претресот во Финансиската полиција.
„Да времено сум отстранета од работното место“, кратко потврди за 4NEWS.mk обвинителката Вилма Русковска.
Од јавното обвинителство преку маил информираа за дисциплинските постапки.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда“, велат од ЈО.
До суспензијата на шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека по претресите кои беа направени во Финансиската полиција и канцелариите на Арафат Муареми. Тогаш, обвинителката Русковска испрати и писмо до меѓународната заедница.
„Јас како обвинител со стаж од повеќе од 34 години во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постаоувањето да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ја градела. Честа, угледот и почитта ги имам научено од мали нозе, од моите родители кои и двајцата се бореле со фашистите. за денешна слободна и независна Македонија“, дел од писмото на Вилма Русковска.
Таа тогаш ги повика и амбасадите и меѓународните организации со претставништво во земјава да превземат соодветни чекори.
„Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ еднаш засекогаш да се проверат сите факти и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“, се велеше во писмото.
Здружението на јавните обвинители остро реагира на отвореното писмо.
„Како професионално здружение, со зачуденост го проследивме дописот за кој сметаме дека го нарушува угледот на јавнообвинителската функција и грубо го прекршува Етичкиот кодекс на јавните обвинители. Имено, како јавни обвинители не гледаме ниту една причина за ваков драматичен полноќен повик до меѓународни институции и дипломати, особено што ниту обвинителката Русковска, ниту останатите обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во ниту еден момент не биле спречени самостојно да водат истраги за предмети во нивна надлежност“, рекоа од Здружението на јавни обвинители.
Сега Русковска во рок од осум дена од приемот на решението за дисциплинска повреда може да се жали до Советот на јавните обвинители. Доколку Советот не ѝ ја усвои жалбата, таа ќе биде разрешена од функцијата.