Поранешната обвинителка Вилма Рускоска, гостувајќи во „Ноќно студио“ на 4ТВ, упати сериозни забелешки за начинот на кој се води предметот „Пулс“, еден од најобемните случаи во последните години. Со 33 обвинети и стотици сведоци, според неа, постапката е поставена неефикасно и носи ризик да се одолговлекува со години.
Рускоска оцени дека најголем проблем е тоа што сите обвинети се опфатени со иста правна квалификација, што според неа е правно спорно и тешко одржливо.
„Правната квалификација за овој предмет е промашена. Катастрофа е сите обвинети да се теретат по иста основа. Особено е нелогично министер од 2012 година да одговара за тешки дела против општата сигурност за случај што се случил 12 или 13 години подоцна. Ако направил пропуст тогаш, требало да одговара во посебен предмет, а не да се товари овој процес“, изјави Рускоска за 4ТВ.
Таа реагираше и на големиот број предложени сведоци, оценувајќи дека во македонското правосудство често се оди на квантитет наместо на квалитет на доказите.
„Нема поента 10 или 15 луѓе да ја кажуваат истата приказна во судница ако веќе го кажале тоа во истрага. Тоа само го троши времето на судот и на оштетените“, рече Рускоска.
Потсети дека во предметите што ги водела, и покрај голем број оштетени и сведоци, во обвиненијата биле вклучувани само најнеопходните, со цел процесот да биде побрз и поефикасен.
Рускоска откри и дека еден од родителите на загинатите ѝ го испратил обвинението за да даде свое мислење. Според неа, со ваква поставеност на случајот, правдата останува далечна.
„Се плашам дека родителите, кои веќе се во поодминати години, нема да дочекаат вистинска правда. Овој процес со толку сведоци ќе трае со години, а пресудата на крајот може да биде само нова болка за нив“, предупреди Рускоска.
Во однос на можноста обвинителите да го користат членот 353 за злоупотреба на службената положба, таа потсети на измените во Кривичниот законик и посочи дека дел од дејствијата што им се ставаат на товар на обвинетите би можеле да застарат, што би значело случајот да заврши без суштинска разврска.
