САД ќе обучува по 2.500 украински војници месечно во база во Германија

Вашингтон размислува за значително проширување на својата програма за обука што американската војска ја обезбедува на украинските сили, изјавија неколку официјални лица за Си-Ен-Ен, кој известува дека Американците може да обучуваат околу 2.500 украински војници месечно во американската воена база во Германија.

Таа промена не само што значително ќе го зголеми бројот на Украинци обучени од американската војска, туку и различните видови обука. Во моментов, Украинците се главно обучени во релативно мали групи за употреба на специфично оружје. Но, доколку програмата драстично се прошири, како што сугерираат најавите, Си-Ен-Ен наведува дека „значително поголеми групи украински војници би добиле обука за употреба на софистицирани тактики на бојното поле“.

Дополнително, проширувањето на програмата за обука би значело „многу поинтензивна и сеопфатна обука“ од она што Украинците моментално го добиваат во ОК или Полска. Администрацијата на американскиот претседател во моментов го разгледува предлогот за драстично проширување на програмата за обука.