Свет

САД ѝ помагаат на Молдавија со 30 милиони долари за справување со енергетската криза

САД ѝ помагаат на Молдавија со 30 милиони долари за справување со енергетската криза

Соединетите Американски Држави ќе и дадат на Молдавија помош од 30 милиони долари за да и помогнат на земјата да се справи со енергетската криза и другите економски тешкотии „предизвикани од неиспровоцираната и неоправдана војна на Кремљ“ против Украина, објави Асошиејтед прес, цитирајќи американска владина агенција.

Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) соопшти дека средствата ќе бидат префрлени во Молдавија – една од најсиромашните земји во Европа – преку доверителски фонд на Светска банка. Дополнително, ќе се надоместат и трошоците на земјава за претходни набавки на електрична енергија. Според Агенцијата, закрепнувањето на Молдавија од „серијата тешки шокови“ неодамна, како што се пандемијата на коронавирус и четирикратниот скок на цените на природниот гас, е доведена во опасност од војната во Украина.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, Молдавија – поранешна советска република со население од околу 2,6 милиони луѓе – падна во серија кризи, наведува АП. Многу бегалци пристигнаа во земјата бегајќи од војната во соседна Украина, а претходно сериозната енергетска криза се продлабочи откако Москва – од која Молдавија беше целосно зависна за снабдување со природен гас – значително го намали нивниот обем. Дополнително, зголемената инфлација предизвика загриженост кај некои функционери дека луѓето нема да можат да си ги платат сметките за струја во зима. Во последниве месеци, исто така, имаше широки прекини на електрична енергија во Молдавија како резултат на руското гранатирање на електричната мрежа на Украина, бидејќи мрежите на двете земји се поврзани.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни