До крајот на годината системот „Безбеден град“ ќе биде целосно имплементиран на територијата на цела Македонија, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој истакна дека секој граѓанин има право да живее во побезбедна средина и дека новиот систем веќе покажува позитивни резултати во зголемувањето на сообраќајната безбедност.
„Како што се создаваат техничките услови на локално ниво, системот веднаш се става во функција. Нема да се чека истовремена имплементација во сите градови“, појасни Тошковски.
Министерот се осврна и на појавата на лажни пораки што граѓаните ги добиваат за наводни сообраќајни прекршоци. Тој нагласи дека надлежните служби веќе работат на случајот.
Тошковски апелираше до граѓаните да бидат внимателни при отворање на вакви пораки и секоја сомнителна содржина веднаш да ја пријават до надлежните институции.
