„Сакаме паркинг, а не нива!”; „Доста во нашиот двор стопанисува друг!”; „Ни качивте 5%, сега ни ги земате” се дел од пораките на вработените во Клиничкиот центар. Со листови закачени на себе на кои што пишуваше ПРИВИЛЕГИРАНИ, втор ден по ред, го искажаа својот револт за одлуката на Град Скопје за покачување на месечниот билет за паркинг. Навредени од односот на градоначалникот Шилегов, кој ги нарече привилегирани и порача дека поради нивните возила пациентите не можеле да стигнат на преглед, најавија дека ќе протестираат се додека не се укине оваа одлуката.
-Привилегирани сме зошто работиме во терцијарна дејност. Привилегирани сме зошто се соочуваме со многу повеќе работа од сите во здравствените системи, зашто се доаѓа на клинички. Еден апел до господинот непривилегиран градоначалник, дека треба да знае дека Ахиловата пета во здравството е Клиничкиот центар во Скопје. Доколку сака, треба само да размисли добро и по основ на патиштата што се пред него да сфати дека сите патишта водат до Клинички центар – вели медицинскиот лаборант Ивица Апостолов.
Хаосот на паркингот, го отежнува трансферот и за најкратките релации, велат болничарите.
-Јас како болничар кога транспортирам од клиника до рендген. Пред мене пациентот дише гасови од возилата. Тоа го сметате за паркинг? Ова е само перење пари. Што вложил во овој паркинг? Еден паркинг е пред вас, и еден овде. Се друго е автопазар. И на автопазар има одредено каде да се паркира. Ако веќе Шилегов толку се загрижил нека даде некој денар, нека помогне – вели Мирко Инчевски.
Решение за проблемот со паркингот се очекува од средбата на министерот за здравство Венко Филипче со градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов. Доколку двете страни не се договорат, оваа наплатна каса од утре ќе биде блокирана.
Репортер: Данче Азманова
