Партијата ВРЕДИ ќе добие шест министерски ресори во рамки на најавената владина реконструкција, потврди денеска вицепремиерот и министер за евроинтеграции Беким Сали. Според него, конечните одлуки за новите министри сè уште не се донесени, а разговорите за реконструкцијата продолжуваат.
Сали изјави дека ВРЕДИ во новата владина распределба ќе раководи со Министерството за животна средина, Министерството за економија, Министерството за правда, Министерството за култура, Министерството за евроинтеграции и Министерството за односи меѓу заедниците.
Тој посочи дека на чело на ресорите правда и култура ќе бидат именувани нови лица, но нивните имиња засега не се финализирани.
„Сè уште нема конечни имиња за правда и култура, но тоа ќе бидат две нови имиња. Актуелните министри, според мене, добро ја извршуваат својата работа во Владата, задоволни сме како ВРЕДИ и тие ќе продолжат понатаму. Здравство не е дел од нашиот пакет“, изјави Сали.
Доколку биде реализирана ваквата распределба, ЗНАМ би останал без Министерството за правда, додека ВМРО-ДПМНЕ би го отстапил Министерството за култура. Без владина функција би можел да остане и актуелниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ.
Од ЗНАМ претходно соопштија дека разговорите за владината реконструкција сè уште траат и дека сите опции остануваат отворени до вторник, кога се очекува да биде донесена конечната одлука за новиот владин состав. Претседателот на партијата, Максим Димитриевски, најави дека токму тогаш ќе биде познат конечниот епилог од преговорите.