Платите во Македонија и понатаму покажуваат значајни разлики меѓу секторите, при што мал број дејности издвојуваат значително повисоки примања од националниот просек, покажува најновата анализа на Институтот за економски анализи Finance Think.
Според истражувањето, во земјата постојат само 12 дејности во кои просечната месечна плата надминува 1.000 евра, односно се движи во распон од 1.000 до 2.000 евра. Најчесто станува збор за сектори од ИТ, финансии, производство, транспорт и одредени услужни дејности.
На самиот врв се наоѓаат компјутерските програмери со просечна плата од околу 115.500 денари. Следуваат вработените во научно-истражувачкиот и развојниот сектор со околу 84.000 денари, како и стручните и научните дејности со просек од приближно 83.000 денари.
Меѓу подобро платените се и работниците во складирање и помошни транспортни дејности со околу 75.900 денари, како и телекомуникацискиот сектор со околу 74.800 денари месечно. Во првите шест се и вработените во воздухопловството со просечна плата од околу 69.000 денари.
Фармацевтската индустрија бележи просек од околу 67.000 денари, додека финансискиот сектор и производството на пијалаци се на слично ниво, со околу 66.000 денари. Рударството изнесува околу 63.000 денари, а управувачките дејности се нешто под оваа граница.
На 12-то место се наоѓаат осигурителните компании и пензиските фондови, со просечна плата од околу 61.250 денари.
Податоците покажуваат и дека просечната плата во државата изнесува околу 48.400 денари, додека повеќе од 70 отсто од вработените примаат плата под овој просек.