Неколку недели ја делат Македонија од шансата да седне на масата на НАТО заедно со другите 29 земји членки на Алијансата. Според министерката Шеќеринска, добар сигнал е тоа што сите земји членки се обединети во поддршката за Македонија за членство и ниедна од нив не пријавила некое отворено прашање со Македонија. Владата сега е насочена кон Атина, во исчекување на одлуката на Грчкиот парламент за ратификација на Преспанскиот договор. Без ратификацијата, земјите членки во НАТО не можат да го потпишат протоколот за пристапување.
Американската војска е силен поддржувач на Македонија на нејзиниот евро-атлантски пат. Оваа порака во Скопје ја пренесе генералот Џозеф Ленгиел, кој го поздрави изгласувањето на уставните измени и додаде дека го чекаат моментот дека во блиска иднина ќе и честитаат на Македонија како на нова 30 членка на НАТО.
„Соединетите држави, сојузниците и нејзините партнери во НАТО целосно ги поддржуваат напорите на земјите на патот кон мирот, просперитетот и безбедноста на нивните народи. Бидете сигурни дека Националната гарда стои зад Македонија и нашите сојузници против сите оние кои се закануваат“, изјави Џозеф Ленгиел, генерал на Национална гарда на НАТО.
Патот на евро – атланските интеграции беше тежок за Словенија. Меѓутоа оваа земја веќе 15 години е членка на НАТО и ја поддржува Македонија за членство.
„Многу добро знам во каква позиција е Македонија, што има направено и што треба да направи за да влезе во ЕУ и НАТО. Република Словенија веќе даде согласност за влез на Република Македонија во НАТО, односно го потпиша предпристапниот протокол“, изјави Карл Ерјавец, министер за одбрана на Словенија.
Во овие 25 години соработка, околу 5 илјади припадници на војската на Македонија беа клучни во заедничките активности меѓу американската војска и војската на Македонија. Шеќеринска и генералот Ленгиел најавија уште една соработка меѓу двете држави. Оваа година над 1000 војници на Националната гарда на Пенсилванија и припадници на АРМ ќе одржат заеднички вежби.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ