Обвинителката Наташа Сарамандова останува дел од обвинителскиот тим кој го застапува обвинението против 34 обвинети за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откако државниот обвинител Ненад Савески го одбил барањето за нејзино изземање, поднесено од дел од адвокатите на обвинетите.
Според информациите објавени од СДК.мк, Савески не утврдил основ за тврдењата на одбраната дека обвинителката постапувала пристрасно при презентацијата на доказите на рочиштето одржано на 25 јуни.
Барањето за нејзино изземање следуваше откако Сарамандова детално ги образложувала доказите и околностите поради кои тие се предложени, што предизвикало реакции од адвокатите на дел од обвинетите, меѓу кои и поранешни министри за економија и вработени во Министерството за економија, обвинети во предметот.
За време на рочиштето, судијката Дијана Груевска-Илиевска ја прекинала презентацијата на доказите од страна на Сарамандова додека не биде донесена одлука по барањето за изземање, по што нејзин колега од обвинителскиот тим продолжил со читање на доказите. Во знак на протест, дел од родителите на 63-те жртви ја напуштиле судницата.
СДК.мк наведува дека, согласно Законот за кривичната постапка, обвинителот одлучува за начинот на презентирање на доказите, а постапката продолжува на 1 јули, кога ќе бидат презентирани материјалните докази кои се однесуваат на обвинетите од Државниот пазарен инспекторат.