Македонија

Савески на средба со Рокас: Разговараа за борбата против корупцијата и за јакнење на довербата во правосудството

Савески на средба со Рокас: Разговараа за борбата против корупцијата и за јакнење на довербата во правосудството

Соработката меѓу Јавното обвинителство и Европската унија останува клучен фактор во напорите за зајакнување на владеењето на правото, беше истакнато на денешната средба меѓу јавниот обвинител Ненад Савески и амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас.

На средбата, која се одржа на почетокот на мандатот на Савески, беа разгледани приоритетите за понатамошна соработка, како и можностите за европска поддршка во јакнењето на институционалните капацитети.

„Оваа средба е доказ за постојната соработка, но и силен поттик за идните заеднички проекти“, изјави Савески.

Амбасадорот Рокас му го честиташе изборот на новата функција и му посака успешна работа, нагласувајќи ја важноста на независно и ефикасно обвинителство во процесот на европска интеграција.

Во фокусот на разговорите беа борбата против корупцијата и потребата од суштинско враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем. Двајцата соговорници се согласија дека овие цели бараат континуирана посветеност, но и конкретни реформи.

Посебен акцент беше ставен и на обезбедување стабилен буџет, како предуслов за унапредување на капацитетите на Јавното обвинителство. Во таа насока, Рокас ја повтори поддршката на Европската унија за зајакнување на независноста и транспарентноста на институцијата.

Савески, од своја страна, се заблагодари за континуираната поддршка од ЕУ, не само за Јавното обвинителство, туку и за пошироките процеси поврзани со владеењето на правото во државата.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни