Македонија

ВИДЕО Савески најави одлука за насилството во Охрид: Девојката со тешки повреди, осомничениот со мерки на претпазливост

ВИДЕО Савески најави одлука за насилството во Охрид: Девојката со тешки повреди, осомничениот со мерки на претпазливост

Државниот јавен обвинител Ненад Савески очекува во текот на денешниот ден да биде донесена јавнообвинителска одлука за случајот со насилството врз 26-годишна девојка во Охрид. Тој порача дека Обвинителството интензивно ги утврдува сите околности и дека правната квалификација ќе зависи од собраните докази.

Изјавата следува откако МВР соопшти дека против 31-годишен охриѓанец е поднесена кривична пријава за „тешка телесна повреда“, а судот, по барање на Обвинителството, му изрекол мерки на претпазливост.

Прашан дали во случајот постојат елементи за обид за убиство, Савески не даде конечна оценка. Нагласи дека доказниот материјал ќе се разгледува поединечно и како целина, а особено значаен ќе биде исказот на оштетената.

„Тој исказ ни е многу суштествен“, рече Савески, посочувајќи дека надлежниот обвинител веќе е во контакт со девојката.

Тој уверува дека се преземаат сите неопходни истражни дејствија и најави официјално соопштение за правната квалификација и за натамошното постапување. Во изјавата не најави конкретно зошто не е побаран притвор туку се определени мерки за претпазливост.

Според информациите што МВР ги објави денеска, нападот се случил на 15 ноември околу 2 часот. По расправија што започнала во домот на осомничениот и продолжила во неговиот автомобил, тој, според пријавата, физички ја нападнал девојката. Нападот продолжил и откако го запрел возилото, при што таа изгубила свест и паднала.

Девојката била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во болницата „Св. Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди. Полицијата го лишила осомничениот од слобода во 5:05 часот.

Савески потврди дека паралелно се води постапка и за дејствијата на таткото на оштетената.

Според МВР, мајката на осомничениот пријавила дека 49-годишниот татко на девојката телефонски упатувал закани кон нејзиниот син и семејството. Тој бил приведен на 15 ноември во 13:20 часот, а полицијата најави соодветен поднесок.

Државниот обвинител нагласи дека се испитува постапувањето на сите вклучени лица. Побара трпение до објавувањето на одлуката, оценувајќи дека предвремените коментари би биле шпекулативни и би можеле несоодветно да ја информираат и дополнително да ја вознемират јавноста.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни