Македонија

Савески за „Пулс“: Роковите за притвор мора да се почитуваат, секогаш има и други законски можности

Савески за „Пулс“: Роковите за притвор мора да се почитуваат, секогаш има и други законски можности

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески не се согласува со оценките дека судовите носат одлуки под притисок или под влијание на Јавното обвинителство. Во контекст на последните реакции за предметите „Ласкарци“ и Стевчо Јакимовски, тој порача дека судовите одлучуваат врз основа на законите и доказите, додека Врховниот суд ја оценува законитоста на одлуките на пониските судови.

Савески, одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Советот на јавни обвинители, ги отфрли и оценките дека првостепените судови носат пресуди без соодветно да ги ценат доказите, по што тие се укинуваат од повисоките инстанци.

„Не можам да прифатам, а апсолутно сметам дека е погрешен впечатокот дека судовите ги носат одлуките под притисок, под влијание или во служба на јавното обвинителство. Пресудите се носат во името на граѓаните на Република Северна Македонија, врз основа на примена на законите и доказите што се содржани во тие предмети“, изјави Савески.

Во однос на „Ласкарци“ и предметот против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, Савески појасни дека Врховниот суд не ги оценувал обвиненијата, туку одлуките што ги донеле пониските судови.

„Одлуките на повисоките судови се во врска со одлуките на пониските судови. Врховниот суд не ги ценел обвиненијата, туку одлуките на второстепениот и првостепениот суд“, рече тој.

Савески се осврна и на предметот „Пулс“, во кој се отвори прашањето за истекувањето на законските рокови за притвор на сопственикот Дејан Јованов – Деко. Според него, притворот е јасно регулиран со закон и постојат максимални рокови кои мора да се почитуваат.

„Траењето на притворот е регулирано со закон и со максимални рокови. Во овој случај е извесно дека тие рокови наскоро ќе се исцрпат“, посочи Савески.

Тој не сакаше да прејудицира дали обвинителството ќе побара друга мерка за обезбедување присуство, нагласувајќи дека одлуката за тоа е во надлежност на обвинителите кои постапуваат по конкретниот предмет.

Савески додаде дека законски можности постојат, но не сака однапред да се изјаснува за тоа која мерка би можела да биде применета.

Во однос на стравувањата дека по истекот на притворот може да постои ризик од бегство, републичкиот јавен обвинител повтори дека законските рокови мора да се почитуваат и од страна на судовите и од страна на обвинителството.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни