Македонија

СДСМ бара вонредна седница на Советот на Град Скопје – ВМРО-ДПМНЕ вели нема потреба: Ковачевски и Арсовска покрај тендери, нека договорат за народот мерки

СДСМ бара вонредна седница на Советот на Град Скопје – ВМРО-ДПМНЕ вели нема потреба: Ковачевски и Арсовска покрај тендери, нека договорат за народот мерки

Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје денеска на прес конференција побара вонредна седница на Советот на Град Скопје за решавање на проблемот со загадениот воздух, кој во главниот град е на алармантно високо ниво.

„Факт е дека локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција во Скопје со Левица и Арсовска не преземаат ништо за да го решат овој проблем.

Но, СДСМ е одговорна партија и за нас, граѓаните се на прво место.

Затоа советничката група на СДСМ и коалицијата на вонредна седница ќе ги предложи следниве мерки:

1. Итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз.

2. Воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје.

3. Итна промена на распоред на средства во Буџетот на Град Скопје, за зголемување на средствата за борба против загадувањето.

4. Финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, (замена на котлите во системот на затоплување).

5. Изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје.

6. Чистење/миење на улиците и јавните површини со помош на цистерни.

7. Безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност.

СДСМ се сомнева дека инспекторите не смеат да постапуваат без усна согласност на секретарот на Град Скопје, доколку е така, тоа мора да престане веднаш.

Скопје деновиве е на врвот на листата на најзагадени градови во светот, што директно влијае врз здравјето на луѓето.

Аерозагадувањето е најголемиот причинител на зголемен број на заболувања кај луѓето и предвремена смртност.

Всушност, ова е резултатот од незаинтересираноста на Арсовска и ДПМНЕ за граѓаните на Скопје.

Ова е резултатот од нивните кавги за тендери и провизии, а за реалните проблеми на граѓаните не направија ништо.

За жал, сите ние скапо ја плаќаме цената за ваквото неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Арсовска“, вели таа.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека од вонредна седница нема потреба.

„Нема потреба од вонредна седница, Ковачевски и Арсовска на тајните средби, покрај тендери, нека договорат за народот мерки за почист воздух.

Сите мерки кои ги има Јанчева или некој советник од СДС може да му ги даде на Ковачевски, кој е во тајна коалиција со Арсовска, и заради која соработка ВМРО-ДПМНЕ ја повлече поддршката за градоначалничката.

Ковачевски на средбите со Јакимовски и Арсовска, освен тендери може да договори и некоја добра работа за граѓаните како што е почист воздух.

Дури и во СДС до сега требаше да сфатат дека нивниот претседател е во коалиција со Арсовска, а плод на истата е и директорот на ЈСП, кадар на СДС, претпријатие преку чие ефикасно делување може да се намали загадувањето.

Очигледно е дека во СДС не се знае кој што прави, па Јанчева или го опструира Ковачевски, или тој го опструира цело СДС, може тоа е и плус причина зошто пратениците му бараат избори, а тој бега“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни