СДСМ ја даде Резолуцијата за мигранти на Уставен: „Го загрозува говорот“, Мицкоски жали што опозицијата избега од гласање

Опозициската СДСМ денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на Резолуцијата за потврда на политиките против нелегалната миграција. Партијата тврди дека документот, кој беше изгласан во Собранието на предлог на власта, директно удира врз демократските вредности.

Според социјалдемократите, усвоениот документ е неуставен и проблематичен од повеќе аспекти. Во иницијативата се наведува дека Резолуцијата ги загрозува основните човекови права, а конкретно се посочува на ограничување на:

  • Слободата на говорот;
  • Правото на јавен настап;
  • Слободата на уверувањето.

Мицкоски: Судот нека одлучи, но жалам што не гласавме заедно против кампови

Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на потегот на опозицијата, истакнувајќи дека остава на Уставниот суд да ја донесе конечната одлука за правната издржаност на актот. Сепак, тој упати политичка критика кон СДСМ за нивното отсуство од Собранието.

„Жалам што СДСМ не присуствуваше на собраниската седница на која заеднички, сите партии, ќе се обврзевме дека нема да се дозволи изградба на мигрантски кампови, ниту пак прифаќање на каков било тип мигранти или азиланти како резултат на некаков договор“, истакна Мицкоски.

Резолуцијата доби зелено светло од пратениците во текот на оваа недела, но процесот помина без присуство на опозицијата во пленарната сала.