СДСМ ја напушти седницата: Предлогот за минимална плата не беше ставен на гласање

Додека пред Собранието се одвиваше блокадата организирана од Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на минималната плата на 600 евра и на другите плати за 100 евра, внатре во салата се водеше жестока расправа меѓу власта и опозицијата за истата тема.

Предлогот на пратениците на СДСМ за дополнување на дневниот ред со законско решение кое го прифаќа барањето на ССМ не беше ставен на гласање, што доведе до одлука на опозициската партија да ја напушти денешната 84. седница. Дебатата претходеше на едночасовна пауза и вклучуваше размена на обвинувања помеѓу координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, и претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Гаши образложи дека предлогот не можел да се стави на гласање бидејќи материјалот не бил доставен до сите пратеници и бил на превод. „Го вративме на доработка, тој е примен денеска во архива и се надевам дека многу брзо ќе биде доставен до сите пратеници и на наредната седница ќе имаме можност да го дополниме дневниот ред“, рече Гаши.

Спасовски, пак, нагласи дека законскиот предлог бил поднесен уште на 31 јануари и дека забелешките што ги добиле се вметнати во текстот, додавајќи дека барањето на синдикатите е реално и дека постои можност за обезбедување на финансиски средства. „Има можност, само треба политичка воља да се излезе на барањето на работниците“, рече Спасовски.

По паузата, СДСМ повторно го обвини Гаши за двојни стандарди и за неприменување на Деловникот на Собранието, што доведе до нивно целосно напуштање на седницата. „Ние не баравме ништо друго, освен предлогот да го ставите на гласање и денеска да се изјасниме. Нема ништо спорно“, рече Спасовски.

Инаку, денешната седница, 84-та по ред, изгласа други точки од дневниот ред, вклучително Одлука за изменување на составот на Националниот совет за евроинтеграции и законски измени за посебниот регистар за осудени педофили. За Предлогот за ратификација на Дополнителниот протокол кон Конвенцијата за меѓународен патен превоз на стоки (CMR) не беа исполнети деловнички услови, а утре седницата ќе продолжи во 11 часот.