СДСМ: Мицкоски лаже и на денешниот празник нема почит ниту кон граѓаните, ниту кон верниците

После изјавата на Христијан Мицкоски од Охрид каде го коментираше Законот за јазиците, стигна реакција од СДСМ кои го нападнаа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакнувајќи дека нема почит ниту кон граѓаните, и на празник дава лажни изјави.

„Антинародниот Христијан Мицкоски не ги почитува ниту граѓаните, ниту верниците.

Додека сите упатуваат честитки до граѓаните, додека сите ги промовираат вредностите на заедништво и меѓусебно почитување, Мицкоски на верски празник продолжува да лаже и да ги дели граѓаните.

Не е точно дека Законот за употреба на јазиците е неуставен, вистината е дека во целост е во согласност со Амандманот 5 од Уставот на Република Македонија.

Законот  ја регулира употребата на албанскиот јазик кој во Македонија е втор официјален јазик уште со амандманите на Уставот од 2001 година и истиот никако не ја влијае на употребата и заштитата на македонскиот јазик кој е прв официјален јазик во Македонија, а сега и меѓународно признат од целиот свет.

Антизападниот Мицкоски не успеа да ја спречи интеграцијата во ЕУ и НАТО и нема да успее преку неосновани пријави да го спречи градењето на концептот едно општество за сите, којшто е силно поддржан од мнозинството граѓани.

Македонија, граѓаните, ставија крај на црнилата и деструкциите на ВМРО-ДПМНЕ, одбраа иднина во ЕУ и НАТО и нема да дозволат Мицкоски да ги врати во темното минато на криминал и неизвесност“, велат од СДСМ.

Извор: ТВ21