Препукувањата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ преку соопштенија продолжува. Владеачката партија испрати соопштение со кое најави присуство на терен и средби со граѓаните низ целата земја. Од опозицијата се пошегуваа со слоганот „На прав пат“, враќајќи дека СДСМ е на прав пат ама во опозиција.
„СДСМ го засилува присуството на терен, меѓу граѓаните низ целата држава. Во текот на летото организирани беа над 500 маалски и урбани средби на партиски функционери со граѓаните.
Таквите активности дополнително ќе се интензивираат. Започнува караванот трибини „На прав пат“ на кои ќе разговараме со граѓаните, ќе ги слушнеме нивните ставови и ќе ги следиме.
Утре, Штип е домаќин на првата трибина на која ќе учествува и претседателот Зоран Заев. Како што доликува на државотворна, модерна, европска партија, ние сме меѓу граѓаните постојано, а не само пред или за време на избори.
Сугестиите и предлозите што граѓаните ги дадоа за време на маалски и урбаните средби, како и сите предлози што ќе произлезат од овие трибини ќе ги вградиме во нови мерки и политики, во нова програма од интерес на граѓаните.
За таа цел, сите структури на партијата се ставени во функција на граѓаните.
На прав пат сме“, велат од СДСМ.
Вратија со соопштение од ВМРО-ДПМНЕ:
„СДСМ е на прав пат Македонија да ја втурне во провалија. Заев и екипата околу него се на прав пат да ги наполнат своите приватни конта, додека граѓаните гладуваат.
СДСМ е на прав пат да исели уште 1.000 луѓе за еден ден во градови како Делчево, Берово, Виница или Македонска Каменица.
СДСМ е на прав пат да го уништи земјоделието. СДСМ е на прав пат да го колабира здравството. СДСМ е на прав пат да го осакати образованието. СДСМ е на прав пат да ги понижи безбедносните служби.
СДСМ е на прав пат за во опозиција. Предвремени избори час поскоро. Граѓаните ќе му го покажат патот на СДСМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
