СДСМ: Не постои поголемо лицемерие од тоа ВМРО-ДПМНЕ да зборува за вработувања во администрација

После обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон власта за партиски вработувања, и вработувања на блиски роднини на власта, со соопштение се јави СДСМ во кое истакнува дека токму во времето на минатата власт имало вработувања на партиски кадри насекаде низ Македонија.

„Токму ВМРО-ДПМНЕ во октовмри 2012 година само преку еден оглас во РЕК Битола вработи 625 партиски кадри, сите според списоци по Општински комитети и јавноста добро го памети тоа.

За разлика од таквиот пристап на ВМРО-ДПМНЕ, денес процесите за вработувања се законски, јавни и транспарентни. Сите вработувања се согласно план, потреба и програма на самата институција, а за сите кандидати важат еднакви услови и критериуми. Секој има еднакви можности за работа.

СДСМ останува доследен на одамна искажаниот став дека во државната администрација нема и не смее да има реваншизми, притисоци и политика.

Секој има право да членува или да не членува во политичка партија, но тоа право никако нема и не смее да се доведе во врска со работното место.

Секој кој има квалитети, без разлика дали е или не е член на која било партија има еднакво право да добие работно место а со тоа и сериозна обврска своите работни задачи да ги извршува на професионален начин.

Започнат е процес на деполитизирана и департизирана администрација. Тоа значи вработувања според мерит систем, а не според политика или партиска припадност.

Во јавниот сектор, во државните институции и претпријатија, мора да се работи според мерит систем и според потребите на граѓаните, бидејќи институциите постојат за граѓаните, а не обратно.“, се вели во соопштението на СДСМ.

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното