Се комплетира владиниот кабинет – избрани замениците министри

Со 62 гласа ЗА и 44 ПРОТИВ, Собранието вечерва ги изгласа предложените заменици министри, со што се комплетира Владиниот кабинет.

Се вчитува...

Тие беа избрани со гласовите на владеачкото мнозинство, а против беа пратениците од опозицијата.

Пред гласањето се обрани и премиерот Зоран Заев кој ги повика пратениците од опозицијата да ги поддржат замениците министри, со што како што рече тој, ќе имаат легитимитет да ги критикуваат и бараат одговорност доколку не работат како што треба.

Ова не ги премисли пратениците од опозицијата.

Според листата доставена од Владата до Собранието, за заменик-министер за одбрана е предложен Башким Хасани, во Министерството за внатрешни работи Назим Буши, а во ресорот правда Агим Нухиу.

Илхан Рахман е предложен за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, а Фатмире Исаки за заменик-министер за надворешни работи.

Во Министерството за финансии заменик на министерот Фатмир Бесими треба да му биде Димитар Ковачевски, а во Министерството за економија предложен е Зоран Маневски. Во ресорот земјоделство за заменик е предложен Трајан Димковски, кој претходно ја извршуваше министерската функција во истото Министерство.

Илир Хасани е предлогот за заменик-министер во Министерството за здравство. Арафат Шабани е предложен во Министерството за образование и наука, Енвер Хусејин во Министерството за труд и социјална политика, Зоран Димитровски во Министерството за локална самоуправа и Седат Сулејмани во Министерството за култура.

За заменик-министер за информатичко општество и администрација е предложен Александар Бајдевски, во Министерството за транспорт и врски Беким Реџепи, а во Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска.

.

Извор: ТВ21