Македонија

„Се надевам мојот брат е последен кој настрадал“ – Жителите на Визбегово побараа семафори на булеварот „Словенија“

Десетици граѓани го блокираа булеварот „Словенија“, барајќи изградба на кружен тек или да се постават семафори, бидејќи како што велат, на оваа улица доаѓа до чести сообраќајки со фатални последици. Последните кои доживеаја сообраќајка се братот и внуката на оваа демонстрантка. Таа вели дека нејзиниот брат, заедно со внуката се во тешка здравствена состојба.

„Мојот брат веќе еден месец е на КАРИЛ. Вчера го префрлија во соба. Беше, но и понатаму е во тешка состојба, сега малку е постабилен. И девојчето е во тешка состојба, ѝ направија неколку операции. Тука мора да се преземе нешто. Еден кружен тек или семафор. Мојот брат нека биде последна жртва на оваа улица“, изјави еден од демонстрантите.

Заедно со сестрата на лицето што доживеа несреќа, излезе и чичкото. И тој пред камерата на ТВ21 изрази надеж дека ова ќе биде последната сообраќајка.

„Колку што знам јас, на ова место се имаат случено многу несреќи. Можеби биле и фатални, но и ова беше тешка сообраќајка, во која мојот внук, Гзим со неговата ќерка Диелза се повредени тешко. Девојчето е оперирано 4-5 пати. Се собравме тука со надеж дека ова ќе биде последната несреќа и да се исполни нашето барање за поставување семафор и изградба на кружен тек“, вели демонстрант.

Останатите кои излегоа на протестот велат дека не е лесно да гледаат луѓе како бараат помош по сообраќајна незгода.

Заедно со нив беше и првиот човек на општина Бутел, Велимир Смилевски. Тој вели дека за еден месец на оваа раскрсница ќе бидат поставени знаци или семафори.

Жителите велат дека доколку во рокот кој го даде градоначалникот не се реши ова прашање, ќе продолжат со протести кои ќе бидат почести и помасовни. Последната сообраќајка на булеварот „Словенија“ се случи пред неколку недели, во која беа повредени четири лица.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни