Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи денеска во Хаг треба да ја слушнат првостепената пресуда во еден од најзначајните судски процеси поврзани со војната во Косово. Обвинителството бара казни од по 45 години затвор, а четворицата поранешни високи функционери на Ослободителната војска на Косово ги отфрлаат обвиненијата. Специјализираните совети на Косово го закажаа изрекувањето за денеска, 16 септември, во 10 часот по средноевропско време.
Тачи, Весели, Селими и Красниќи се обвинети по шест точки за злосторства против човештвото – прогон, затворање, други нечовечки дела, мачење, убиство и присилно исчезнување – како и по четири точки за воени злосторства. Според обвинението, делата биле извршени од март 1998 до септември 1999 година на повеќе локации во Косово, како и во северна Албанија, против стотици цивили и лица кои не учествувале во борбите. Сите четворица се изјаснија за невини. Обвинителството тврди дека доказите упатуваат на нивна индивидуална кривична одговорност за дела извршени во рамки на широко распространет и систематски напад врз лица за кои се сметало дека ѝ се противници на УЧК.
Пресудата се очекува во атмосфера на изразени политички и општествени тензии. За голем дел од косовските Албанци, Тачи и другите поранешни команданти остануваат симболи на вооружената борба за независност. Илјадници луѓе изминатите денови излегоа на собири во Приштина барајќи ослободителна пресуда. Поддршка за четворицата беше изразена и во Скопје, каде на плоштадот „Скендербег“ беше организиран собир со маици и транспаренти со нивните ликови, а присутните порачаа дека очекуваат да бидат ослободени. На настанот се обрати и поранешниот командант на ОНА и поранешен пратеник Џезаир Шаќири – Хоџа.
Неколку дена претходно, на големиот марш во Приштина присуствуваше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, еден од основачите на УЧК. Тој порача дека маршираат „за слободата и за поддршка на ослободителите“ и изрази очекување Тачи, Весели, Красниќи и Селими да бидат прогласени за невини. Ахмети и претходно предупреди дека, доколку пресудата биде осудителна, не може да се гарантира дека оние кои војувале со обвинетите ќе останат мирни и дека можно е појава на групи што ќе го изразат својот револт. Воочи пресудата, тој ја нагласи и улогата на Западот во конфликтот, истакнувајќи дека УЧК имала поддршка од НАТО и од држави што настојувале да ги запрат насилството и масакрите во Косово.
Сепак, судот во Хаг не одлучува за легитимноста на борбата за независност на Косово, ниту за политиката на НАТО во 1999 година. Предмет на постапката се конкретните обвиненија и индивидуалната кривична одговорност на четворицата обвинети. Специјализираните совети наведуваат дека обвинението се однесува на конкретни дела против цивили и лица кои не учествувале во борбите.
Токму тука се судираат двата наратива што со години го следат процесот. Поддржувачите на поранешните команданти стравуваат дека со пресудата ќе се изедначат УЧК и српските сили, додека семејствата на исчезнатите и жртвите бараат индивидуална одговорност без оглед на страната на која припаѓале сторителите.
Војната во Косово во 1998 и 1999 година однесе околу 13.000 животи, при што мнозинството од загинатите беа етнички Албанци. Конфликтот заврши по воздушната кампања на НАТО против силите на тогашна Сојузна Република Југославија и повлекувањето на српските сили од Косово.
По војната, Тачи стана една од клучните фигури во косовската политика – беше премиер, а подоцна и претседател на Косово. Во 2020 година поднесе оставка откако обвинението против него беше потврдено и беше префрлен во притвор во Хаг. Весели, Селими и Красниќи исто така се во притвор од ноември 2020 година.
Судењето започна на 3 април 2023 година. Во судницата сведочеа 134 сведоци, а во постапката учествуваат и 156 жртви. Доказната постапка беше затворена во декември 2025 година, а завршните зборови беа одржани во февруари годинава. Судот наведе дека обемот на доказите и сложеноста на предметот се причина за продолженото време потребно за донесување на пресудата.
Колку е чувствителен денешниот ден покажуваат и безбедносните предупредувања. Британските власти ги информираа своите државјани дека на 16 септември се очекуваат големи собири во Приштина и други урбани центри и им препорачаа да се држат подалеку од демонстрации и големи групи луѓе.
Пресудата денеска ќе даде првостепен судски одговор за индивидуалната одговорност на Тачи, Весели, Селими и Красниќи. Но политичките и историските спорови околу УЧК, војната, жртвите и улогата на меѓународната заедница речиси сигурно нема да завршат со читањето на судската одлука.